На граничниот премин Богородица утринава има зголемена фреквенција на возила, а времето на чекање за излез од Македонија изнесува околу 45 минути, информира Автомото сојузот на Македонија.
На останатите гранични премини нема подолги задржувања, додека сообраќајот на државните патишта се одвива со засилен интензитет надвор од градските средини. Колoвозите се суви и проодни.
Од АМСМ апелираат до возачите да ја приспособат брзината на движење и да бидат внимателни, особено на делниците низ котлини, речни долини и клисури. Посебна претпазливост се препорачува на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево, каде постои можност за појава на одрони.
Возачите кои патуваат кон туристичките места треба да имаат предвид дека регионалниот пат Охрид – Ресен преку Националниот парк „Галичица“ е отворен само за возила со тежина до 3,5 тони.
На автопатот А4, на делницата Миладиновци – Свети Николе – Штип, се врши санација на косина пред наплатната станица Преод, поради што е воведен изменет сообраќаен режим.
Изменет режим има и на скопската обиколница, каде на потегот меѓу клучките Волково и Кондово е затворена левата лента за претекнување во должина од 250 метри. Сообраќајот се одвива по средната и помошната лента.
Градежни активности се изведуваат и на патниот правец Кичево – Охрид, каде возилата се движат преку сообраќајни девијации. Кај селото Желино се врши санација на мостовите над реката Вардар во двата правци.
Поради работите на Коридорот 10Д на релација Прилеп – Битола, сообраќајот се пренасочува по регионалниот пат од клучката Лагово до Тополчани.
Активни градежни работи има и на делницата Гостивар – Стража, каде се интервенира на вијадуктите кај Атанасова река и Дол. На југот од земјата се изведуваат активности за премин на интерконективниот гасовод под автопатот Смоквица – Гевгелија.
Во Штип продолжува санацијата на мостот на реката Брегалница, а на патниот правец Косоврасти – Мелнички Мост сè уште трае санацијата на свлечиштето со воспоставен времен режим на сообраќај.
