Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска учествуваше на 10. Southeast Europe Energy Forum – SEEF2026 во Солун, каде ги претстави енергетските приоритети на Македонија. Во фокусот на нејзиното обраќање беа енергетската безбедност, диверзификацијата на снабдувањето, регионалната инфраструктурна поврзаност и создавањето конкурентен енергетски пазар.
Божиновска посочи дека Македонија инвестира во повеќе инфраструктурни проекти кои треба да обезбедат нови и алтернативни правци за снабдување со енергија. Меѓу клучните проекти се гасниот интерконектор со Грција, приклучувањето кон Вертикалниот гасен коридор и развојот на интерконекторот со Србија.
Според министерката, овие инвестиции треба да обезбедат поголема сигурност и флексибилност на домашниот енергетски систем и посилна интеграција со регионалниот и европскиот пазар.
Таа нагласи дека Македонија паралелно работи на зголемување на производството од обновливи извори, модернизација на електроенергетската мрежа и развој на системи за складирање енергија.
Божиновска оцени дека растечката потрошувачка на индустријата, дигитализацијата, вештачката интелигенција и новите технологии бараат долгорочни и технолошки напредни инвестиции во енергетиката. Една од централните теми на форумот е и зајакнувањето на енергетската соработка меѓу Југоисточна Европа и Соединетите Американски Држави.
Во изминатата деценија САД стануваат сè позначаен партнер во европската енергетика преку снабдување со ЛНГ, инфраструктурни инвестиции, технолошки партнерства и диверзификација на изворите.
Божиновска порача дека Македонија е отворена за нови странски инвестиции и продлабочување на соработката со меѓународните партнери. Според неа, Југоисточна Европа станува еден од клучните региони за енергетската безбедност на континентот, а Македонија има амбиција активно да учествува во регионалната енергетска интеграција.
Од Министерството посочуваат дека целта е изградба на сигурен, диверзифициран, конкурентен и модерен енергетски систем, интегриран во европските енергетски текови и подготвен за идните потреби на економијата.
