Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска престојуваше во официјална посета на Украина, каде оствари средба со украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха.
Во фокусот на разговорите биле можностите за понатамошно продлабочување на политичкиот дијалог и соработката меѓу двете држави, како на билатерален, така и на меѓународен план.
Посебно внимание било посветено на унапредувањето на економските односи, европската интеграција на двете земји, актуелните безбедносни предизвици, како и можностите за вклучување на Македонија во процесот на реконструкција и закрепнување на Украина.
Муцунски ја потврдил континуираната поддршка на Македонија за Украина, нагласувајќи дека суверенитетот, територијалниот интегритет и меѓународното право мора да бидат почитувани.
„Стоиме со Украина. Украина е суверена држава. Нејзиниот територијален интегритет мора да се почитува. Границите не можат да се менуваат со сила, а меѓународното право не може да биде прашање на избор“, порача Муцунски.
На средбата било истакнато дека безбедноста на Украина има пошироко значење за европската и трансатлантската стабилност, а сојузниците и партнерите треба заеднички да работат на создавање услови за праведен и траен мир.
Муцунски посочи дека американското лидерство и европската одговорност треба да дејствуваат заедно, со цел зајакнување на безбедноста и создавање услови за долгорочен мир.
Тој ја потврди и подготвеноста на Македонија активно да учествува во меѓународните напори за поддршка на Украина, но и во нејзината идна обнова.
„Кога разговорот повеќе нема да биде за одбрана и преживување, туку за обнова и просперитет, Македонија сака да биде таму – не само како пријател кој стоел со Украина во тешките моменти, туку и како партнер во нејзиното закрепнување“, нагласи Муцунски.
Во рамки на посетата, министерот оствари средба и со првиот заменик-претседател на Врховната рада на Украина, Олександр Корниенко, а заедно со Сибиха положија цвеќе пред Ѕидот на сеќавањето на паднатите бранители на Украина.
