Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, порача дека првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров, има историски заслуги за тоа што државата ја стекнала својата независност по мирен пат, без војна, жртви и разурнувања.
Говорејќи на свеченоста по повод 35 години од независноста, организирана од СДСМ под мотото „Македонија е сè што имаме“, Филипче истакна дека улогата на Глигоров сè уште не е доволно вреднувана во неговата татковина, иако, како што рече, светот одамна ја препознал неговата државничка визија.
Во рамки на настанот премиерно беше прикажан документарниот филм „Глигоров од Македонија“, авторско дело на Никола Т. Калајџиски и Аристид Филактов, посветено на животот и делото на првиот македонски претседател.
Филипче оцени дека Глигоров припаѓал на генерацијата државотворци кои ги поставиле темелите на современата македонска државност, а потоа ја предводеле земјата во процесот на осамостојување.
„Во една личност се споија две македонски епохи – генерацијата што ја создаваше македонската државност во рамките на федерацијата и генерацијата што ја воведе Македонија во светот како самостојна држава“, истакна Филипче.
Тој нагласи дека најголемата заслуга на Глигоров е тоа што успеал да ја зачува Македонија од војната што го зафати регионот по распадот на Југославија.
„Мирот често изгледа лесно остварлив само откако некој мудар ќе го обезбеди“, рече Филипче, додавајќи дека државничката храброст понекогаш значи да се спречи трагедија, а не да се поттикне конфликт.
Според него, мирното осамостојување е една од најголемите победи во современата македонска историја, бидејќи овозможило граѓаните да продолжат да живеат, работат и градат иднина без последиците од воените разурнувања.
Филипче порача дека суштината на политиката на Глигоров била зачувувањето на државата преку заштита на човечкиот живот.
Осврнувајќи се на меѓународното признавање на Македонија и приемот во Обединетите нации, тој оцени дека Глигоров знаел да носи тешки, но државнички одговорни одлуки во интерес на државата.
„Историјата сè појасно му ги признава заслугите на Киро Глигоров. Неговите дела зборуваат сами за себе и остануваат трајно сведоштво за неговата визија и одговорност кон Македонија“, порача претседателот на СДСМ.
