Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, ексклузивно најави дека од денеска започнува уривањето на објектите и пробивањето на трасата кај мостот „Генерал Михајло Апостолски“, со што конечно ќе се создадат услови мостот да биде целосно ставен во функција.
Во гостувањето во емисијата „Колегиум“ на телевизија Алфа, Ѓорѓиевски информираше дека е истечен рокот за иселување на жителите на кои претходно им била целосно исплатена експропријацијата, со што се отстранети сите пречки за почеток на градежните активности.
Станува збор за мостот кој со години во јавноста беше познат како „мостот што не води никаде“ или „мостот за ловење риба“, бидејќи беше изграден без соодветно сообраќајно поврзување.
Градоначалникот истакна дека е ставен крај на практиката граѓаните со години да чекаат исплата за експропријација. Според него, надоместоците биле исплатени веднаш, а Градот им обезбедил поддршка и во процесот на иселување.
Ѓорѓиевски нагласи дека лично стоел зад решавањето на проблемот и дека ниту едно семејство не било оставено само во процесот.
Со почетокот на пробивањето на трасата, како што оцени, се реализира уште едно значајно ветување. Иако проектот бил планиран да се заврши во рок од четири години, тој најави дека ќе биде реализиран значително побрзо.
