Собранието денеска ќе ја продолжи 121. седница, на чиј дневен ред се Националната стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата за периодот 2026–2030 година, Годишниот извештај на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер за 2025 година, како и обемен пакет законски измени по скратена постапка.
Пратениците ќе расправаат за измени на повеќе закони, меѓу кои се законите за пензиското и инвалидското осигурување, задолжителните нафтени резерви, Геолошкиот завод, Фондот за осигурување на депозити, Државната статистика, Царинската управа, јавните набавки, метрологијата, стоковните резерви и Законот за основање на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот.
На дневен ред се и измените што се однесуваат на Државниот пазарен инспекторат, Управата за јавни приходи, индустриската сопственост, технолошко-индустриските развојни зони, лековите и медицинските средства, Централниот регистар, здравственото осигурување, Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството и Законот за безбедност на храната.
Пратениците ќе ги разгледаат и измените на законите за урбанистичко планирање, финансиската поддршка во земјоделството и руралниот развој, Регистарот на задолжително социјално осигурување, класифицираните информации, катастарот на недвижности, управувањето со конфискуван имот, рамномерниот регионален развој и стручното усовршување на административните службеници.
Во рамки на седницата ќе се најдат и измените на законите за управување со кризи, заштита и спасување, сигурност во железничкиот систем, управната инспекција, архивската дејност, здравјето на растенијата, административните службеници, животната средина, инспекцискиот надзор, инспекцијата на труд, извршувањето на санкциите и внатрешната пловидба.
На агендата е и Предлог-законот за дополнување на Законот за финансиска поддршка на инвестиции.
Продолжението на 121. седница е закажано за 14:00 часот во салата „Македонија“ во Собранието.
