Пратеничката група на Левица предлага нова мерка за справување со демографската криза, според која државата би преземала 20 проценти од преостанатиот станбен кредит на семејството за секое новородено или посвоено дете.
Од партијата велат дека наместо апели до граѓаните за зголемување на семејствата, потребни се конкретни економски мерки кои ќе им помогнат на младите полесно да донесуваат одлуки за родителство.
„Левица предлага простување на дел од кредитите во семејствата по основ на секое новородено или посвоено дете. За секое новородено или посвоено дете државата ќе преземе 20% од останатиот станбен кредит во семејството. Тоа значи дека, за разлика од министерката Весна Јаневска, ние предлагаме 20% за братче, 20% за сестриче“, изјави пратеникот Амар Мециновиќ.
Од Левица посочуваат дека македонските домаќинства имаат речиси две милијарди евра долг по основ на станбени кредити, што претставува значителен дел од вкупната задолженост на граѓаните. Според нив, само во последната година долгот пораснал за околу 273 милиони евра.
Партијата смета дека демографските проблеми се директно поврзани со економската несигурност, ниските приходи и високите трошоци за живот.
Како аргумент ги наведуваат и последиците во образованието, посочувајќи дека во една година има 433 паралелки помалку, околу 3.000 првачиња помалку и 26 затворени училишта.
„Демографската криза не е резултат на тоа што младите не слушнале доволно апели да имаат деца, туку на несигурноста, сиромаштијата, ниските приходи и огромните долгови со кои се соочуваат“, велат од Левица.
Мециновиќ оцени дека семејството не смее да биде одлука која носи финансиски ризик и доживотна несигурност.
„Демографската криза не се решава со апели, туку со создавање материјални услови преку долгорочни политики и силни инвестиции од државата. Треба државата да преземе одговорност за условите во кои граѓаните живеат“, порача тој.
Од Левица додаваат дека нивниот предлог има цел да обезбеди поголема сигурност за младите семејства и да покаже дека демографските политики треба да бидат проследени со конкретна финансиска поддршка.
