ВМРО-ДПМНЕ реагираше на денешните обвинувања изнесени од Јон Фрчкоски од СДСМ, оценувајќи дека станува збор за повторување на, како што велат од партијата, веќе демантирани тврдења, надополнети со нови политички конструкции и инсинуации.
Од ВМРО-ДПМНЕ ги отфрлаат наводите за нерегуларности во јавните набавки во Министерството за дигитална трансформација и тврдат дека сите постапки биле спроведени согласно законските процедури, преку Електронскиот систем за јавни набавки и со целосна документација која, како што наведуваат, е достапна за проверка.
Во партиската реакција се посочува дека уште во март минатата година било објаснето дека вредноста на првата набавка на која се повикува СДСМ била речиси 40 проценти пониска од првично планираната, со што, според нив, биле остварени заштеди од околу еден милион денари.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека набавената опрема била испорачана навремено и квалитетно, а на постапката немало поднесено ниту една жалба.
Во однос на посочувањата за поврзаност меѓу одредени лица и компании, од партијата велат дека самото поврзување на имиња и деловни субјекти не претставува доказ за корупција, судир на интереси или незаконско влијание.
„Поврзувањето имиња и компании не е доказ за корупција, судир на интереси или незаконско влијание“, велат од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека СДСМ, според нив, се обидува да изгради политички случај врз основа на претпоставени поранешни деловни односи меѓу приватни лица.
Од партијата посочуваат и дека државниот секретар во Министерството за дигитална трансформација не учествувал во ниту една фаза од постапките за јавни набавки, додека министерот не бил вклучен во подготовката на техничките спецификации, евалуацијата и изборот на економските оператори.
Во реакцијата посебно се осврнуваат и на Системот за управување со документи (ДМС), за кој велат дека бил наследен како нефункционален, но дека денес активно го користат повеќе од 45 институции.
Според ВМРО-ДПМНЕ, системот овозможува електронско и транспарентно следење на документите и предметите, при што секоја постапка има електронска трага и може да се контролира нејзиното движење.
Од партијата тврдат дека на денешната прес-конференција на СДСМ не бил презентиран ниту еден конкретен доказ за влијание врз условите на јавните набавки, приспособување на критериумите кон одредена компанија, прекршување на законските процедури или незаконски трансфер на средства.
ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата ги наведува и резултатите кои, според нив, ги постигнало Министерството за дигитална трансформација. Како примери ги посочуваат зголемувањето на бројот на електронски услуги од 120 на 352, растот на бројот на корисници од 110.000 на повеќе од 266.000, како и зголемувањето на поднесените барања од 64.000 на над 340.000.
Од партијата додаваат дека напредокот на Македонија во областа на дигиталната трансформација и сајбер-безбедноста бил потврден и преку меѓународни извештаи и индекси.
„Додека тие рециклираат демантирани лаги, Министерството за дигитална трансформација испорачува конкретни резултати за граѓаните“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
