На прес-конференција на АКТ, членот на Извршниот одбор на СДСМ, Јон Фрчкоски, обвини дека Владата предводена од Христијан Мицкоски продолжува со, како што рече, задолжувања и сомнителни тендерски постапки, посочувајќи нов случај поврзан со Министерството за дигитална трансформација.
Фрчкоски изјави дека „дигиталната трансформација“ на министерот Стефан Андоновски, според АКТ, претставува „трансформација на тендери“, при што фирмите се менуваат, но, како што тврди, лицата и деловните врски остануваат исти.
Според неговите наводи, станува збор за продолжение на претходно објавениот случај поврзан со фирмата „Матео Дизајн“, која, според АКТ, е во сопственост на сопругот на државната секретарка Клинчарова. За овој случај, како што беше кажано, Државната комисија за спречување на корупцијата отворила предмет.
Фрчкоски обвини дека по отворањето на првиот случај, наместо директни договори, бил воспоставен поинаков модел преку нови компании и деловни поврзаности.
Според АКТ, Министерството за дигитална трансформација склучило три договори со фирмата „Нома систем солушнс“, подружница во Скопје, во вкупна вредност од околу 1,5 милиони евра.
Како што наведоа од АКТ, договорите се однесуваат на одржување на систем за управување со документи, софтвер за регистар на имот и софтвер за испити.
На прес-конференцијата беше поставено прашањето кој стои зад компанијата „Нома систем солушнс“, при што Фрчкоски посочи дека управител на фирмата е Владимир Симовски.
Според неговите тврдења, Симовски претходно бил деловен партнер и косопственик со Мартин Клинчаров, сопругот на државната секретарка, во компанијата „СВАГ ФУД ДОО Скопје“.
Дополнително, Фрчкоски посочи дека сопственички удел во компанијата имала и фирмата „Матео Дизајн“, за која претходно АКТ изнесувал обвинувања.
Од АКТ тврдат дека преку ваквите деловни поврзаности продолжува создавањето на, како што ја нарекоа, „семејно-тендерска мрежа“, со цел државните средства да завршуваат кај лица блиски до власта.
„Нема криење од АКТ, нема бегање од одговорност“, порача Фрчкоски, повикувајќи ја Државната комисија за спречување на корупцијата повторно да го разгледа случајот и да ја прошири истрагата со новите наводи.
Од АКТ побараа детално да се испитаат сите договори и текот на средствата кон поврзаните компании.
Фрчкоски упати и барање до министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски да преземе одговорност, оценувајќи дека граѓаните очекуваат институционална одговорност, а не објаснувања.
