Доколку сакате сливите да го задржат својот природен вкус, сочност и хранлива вредност и по неколку месеци во замрзнувач, важно е правилно да ги подготвите пред замрзнувањето.
Најдобро е да изберете целосно зрели, но сè уште цврсти сливи. Избегнувајте плодови кои имаат оштетувања, вдлабнатини или знаци на расипување, бидејќи тие побрзо го губат квалитетот при складирањето.
Подготовка пред замрзнување
Сливите најпрво добро измијте ги и оставете ги целосно да се исушат. Потоа пресечете ги на половина, извадете ја семката и, по желба, исечете ги на помали парчиња.
За да ја зачуваат својата природна боја и да не потемнат по одмрзнувањето, можете лесно да ги попрскате со неколку капки сок од лимон.
Не ги ставајте веднаш во кеса
Една од најчестите грешки е сите сливи веднаш да се стават во една кеса. Така тие ќе се залепат една за друга и ќе формираат голема замрзната маса, па подоцна ќе мора да ги одмрзнете сите одеднаш.
Многу подобро решение е половините или парчињата сливи прво да ги наредите во еден слој на плех обложен со хартија за печење. Ставете го плехот во замрзнувач и оставете ги додека целосно не замрзнат.
Откако ќе се замрзнат, префрлете ги во специјални кеси или пластични садови за замрзнување. Пред затворањето, истиснете што е можно повеќе воздух од кесата за да спречите создавање мраз и да го зачувате нивниот квалитет.
Добра практика е на секоја кеса или сад да го напишете датумот на замрзнување.
Колку долго можат да стојат во замрзнувач?
Ако се правилно замрзнати и се чуваат на температура од најмалку -18°C, сливите можат да траат повеќе месеци. Сепак, најдобриот вкус, боја и текстура ќе ги задржат доколку се искористат во рок од шест месеци.
Како најдобро да ги користите?
Иако сливите можат да се замрзнат и цели, многу попрактично е да бидат исечени на половини или на помали парчиња. Така за време на зимата ќе можете да извадите само онолку колку што ви е потребно, без да ја одмрзнувате целата количина.
Замрзнатите сливи се одлични за подготовка на пити, колачи, кнедли, компоти, смути, домашни џемови и многу други десерти, при што го задржуваат својот препознатлив вкус и арома.
