Советничката група на Левица ја напушти денешната седница на Советот на Град Скопје, незадоволна од новиот начин на одржување на советничките прашања. Од партијата велат дека советниците се принудени сите прашања да ги постават на почетокот на седницата, а одговорите да ги добијат заедно, без можност за непосредна расправа и дополнителни прашања. Според Левица, со ваквиот модел се ограничува еден од основните механизми преку кои советниците ја контролираат работата на градоначалникот, директорите на јавните претпријатија и градската администрација.
Од партијата тврдат и дека новиот начин на водење на седниците претставува прекршување на Деловникот за работа на Советот на Град Скопје. Левица ги обвини градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и советниците на ВМРО-ДПМНЕ дека го наметнуваат моделот со кој, според нив, се ограничува демократската дебата. Од партијата оценуваат дека со групното одговарање на прашањата се губи можноста советниците да постават дополнително прашање или да реагираат доколку не добијат конкретен одговор.
Критики упатија и кон СДСМ, чии советници останале на седницата, што Левица го толкува како поддршка за ваквиот начин на работа. Од Левица порачаа дека седницата ја напуштиле во знак на протест против, како што велат, кршењето на Деловникот, деградирањето на улогата на советниците и ограничувањето на демократската контрола врз градската власт.
