СДСМ обвини дека цените во Македонија со месеци се високи, платите стагнираат, а животниот стандард на граѓаните продолжува да се намалува. Од партијата тврдат дека потрошувачката кошничка со вклучена кирија достигнала речиси 90.000 денари, додека просечната плата се намалила за 1.163 денари.
СДСМ ја обвинува Владата дека не реагирала ниту на поскапувањето на горивата и бара намалување на акцизите и на ДДВ за горивата од 18 на 5 проценти. Од опозициската партија повторно побараа минималната плата да се зголеми на 600 евра, како и повисоки плати и пензии.
Според СДСМ, намалувањето на цените на училишниот прибор нема да има значителен ефект врз семејниот буџет бидејќи родителите се соочуваат со многу поголеми трошоци за храна, облека и образование. Од партијата обвинуваат дека граѓаните не се приоритет на Владата и дека се оставени сами да се справуваат со растечките животни трошоци.
