Околу 15 планинари се водат како исчезнати по силните поројни поплави што во саботата погодија делови од Гранд Кањон во САД. Поплавите започнале околу 14:30 часот по локално време во подрачјето на кањонот Брајт Ејнџел и познатото одморалиште „Фантом Ранч“. Спасувачките екипи досега со хеликоптери евакуирале 62 лица, а според достапните информации нема повредени.
Американската Служба за национални паркови првично соопшти дека се трага по повеќе од 20 луѓе, но подоцна бројот на исчезнати беше намален на околу 15. Поројните води предизвикале голема материјална штета во делови од кањонот, однеле мостови и принудиле властите да затворат повеќе пешачки патеки. Една од евакуираните планинарки изјави дека времето било убаво пред луѓето одеднаш да почнат да врескаат и да бегаат од надојдената вода. Планинарите биле упатени на повисоки и побезбедни места, каде што со часови чекале да бидат евакуирани со хеликоптери.
Службата за национални паркови ги повика сите што имаат информации за луѓето кои во саботата се наоѓале во внатрешноста на кањонот да се јават кај надлежните служби. Дополнителна опасност претставува прогнозата за нови бури и обилни врнежи, кои би можеле да предизвикаат нови поројни поплави, одрони и паѓање карпи. Гранд Кањон го посетуваат околу пет милиони луѓе годишно, а патеката Брајт Ејнџел, која е меѓу најпопуларните во националниот парк, е директно погодена од поплавите.
At least 20 people unaccounted for after flash flooding at Grand Canyon National Park in Arizona – officials pic.twitter.com/he0VNiRsLd
— BNO News (@BNONews) August 30, 2026
