Американските сили синоќа нападнаа ирански ракетни лансери на островот Ларак во Ормускиот Теснец, што е прв директен американски воен напад врз Иран во последниот месец. Според американски претставници, погодени биле два лансери со кои управувале припадници на иранската Револуционерна гарда. Американски функционер тврди дека иранските сили подготвувале ракети и поморски мини за употреба во стратешки важниот теснец.
Иранските медиуми претходно објавија дека во близина на островот Ларак одекнале експлозии и дека нападот бил изведен со дронови, но американската страна не соопшти какво оружје било употребено. Иранската Револуционерна гарда го потврди нападот и соопшти дека има загинати и повредени меѓу нејзините припадници и цивилите, без да објави точен број. Гардата најави дека нападот ќе доведе до „казнување на агресорот“, со што практично најави одговор на американската воена акција.
Нападот следува откако американската војска минатата недела соопшти дека завршила со отстранувањето на поморските мини од меѓународните пловни патишта низ Ормускиот Теснец. Иран, од друга страна, тврди дека и натаму контролира голем дел од теснецот со ракети, дронови и можноста за поставување нови мини и ги отфрла американските тврдења дека пловидбата повторно е слободна.
Поморскиот сообраќај низ Ормускиот Теснец останува значително намален, а Иран неодамна стави 45 танкери на црна листа и се закани со нивно задржување и заплена на товарот поради наводно прекршување на правилата за пловидба. Ормускиот Теснец е една од најважните светски поморски рути, низ која пред војната минуваше приближно една петтина од светската нафта и течниот природен гас.
Новиот напад го прекина едномесечното затишје во директните американски воени операции против Иран, откако администрацијата на претседателот Доналд Трамп во последните недели повеќе се потпираше на санкции и економски притисок. Новиот американски напад и најавата за иранска одмазда повторно го зголемуваат ризикот од поширока ескалација на конфликтот меѓу САД, Израел и Иран, кој трае повеќе од шест месеци.
