Македонија во моментов има најниски цени на бензинот и дизелот во споредба со соседните земји. Од 25 август, Еуросупер БС-95 се продава по 93 денари за литар, или околу 1,51 евро, додека дизелот чини 101,5 денари, односно приближно 1,65 евра. Цените на горивото во Косово и Бугарија се најблиски до македонките, па така бензинот е околу 1,53 евра, додека дизелот се продава за околу 1,79, односно 1,77 евра за литар.
Значително поскапо е во Србија, каде бензинот чини околу 1,72 евра, а дизелот 1,97 евра за литар. Во Грција цените се приближуваат до границата од две евра, додека најскапо меѓу соседите е во Албанија – околу 2,04 евра за бензин и 2,23 евра за дизел. Така, литар дизел во Албанија е речиси 58 евроценти поскап отколку во Македонија, а кај бензинот разликата е околу 53 евроценти.
За резервоар од 50 литри бензин во Македонија се потребни околу 75,5 евра, наспроти околу 100 евра во Грција, додека 50 литри дизел кај нас чинат околу 82 евра, а во Албанија речиси 112 евра. Разликите во малопродажните цени зависат не само од движењето на нафтата на светските пазари, туку и од акцизите, ДДВ и другите давачки, а Македонија засега останува најевтина за точење гориво во регионот.
