Шест недели по случајот со загадената вода во Гостивар, СДСМ бара од надлежните да го објават целосниот извештај и сите анализи за квалитетот на водата. Од партијата тврдат дека повеќе од 5.000 граѓани завршиле во болниците и прашуваат зошто јавноста сè уште нема увид во комплетната документација.
СДСМ потсетува дека министерот за здравство Сашко Клековски најавил оти на 20 август ќе биде објавен епидемиолошки извештај и бара одговор каде е целосниот документ. Според партијата, за време на кризата граѓаните добивале различни информации – најпрво дека водата не е безбедна за пиење, потоа дека може да се користи само за технички потреби, а подоцна дека повторно може да се пие.
Од СДСМ посочуваат дека во јавноста не биле објавени целосните резултати од анализите врз основа на кои е донесена последната одлука. Партијата прашува кој конкретно донел одлука водата повторно да биде дозволена за пиење и врз основа на кои резултати. Од СДСМ бараат да биде соопштено и кој со име, презиме и потпис гарантира дека водата во Гостивар е безбедна. Тие бараат Владата и Министерството за здравство да ги објават целиот извештај, сите анализи и останатата документација поврзана со случајот.
