Најмалку 162 лица загинаа, во катастрофалните поплави што го погодија Непал. Полицијата соопшти дека нивните тела се пронајдени, а се уште стотици луѓе и натаму се водат како исчезнати. Според непалските туристички власти, исчезнати се 579 туристи, од кои повеќе од 400 се странски државјани. Меѓу исчезнатите има најмногу државјани на Индија, а се трага и по десетици туристи од Украина, Австралија, Велика Британија, САД, Канада, Малезија, Јапонија и Јужна Кореја. На тибетската страна од границата се водат како исчезнати уште 558 лица, меѓу кои 260 странци, но засега не е јасно дали дел од овие бројки се преклопуваат.
Непалската армија распореди околу 2.000 припадници за копнени и воздушни спасувачки операции, а досега се спасени најмалку 97 лица. Спасувачките екипи предупредуваат дека бројот на жртвите би можел дополнително да се зголеми бидејќи потрагата продолжува и во претходно недостапните подрачја. Дополнителна опасност претставуваат огромните количества камења, земја и друг материјал што завршиле во реката Тришули и би можеле да создадат природни брани. Експертите предупредуваат дека нивното евентуално уривање може да предизвика нов силен поплавен бран.
Американскиот геолошки завод соопшти дека катастрофата не била предизвикана од земјотрес, туку дека регистрираниот сеизмички сигнал бил последица на уривање на глечер и огромното движење на карпи, кал и друг материјал. САД најавија помош од 500.000 долари за погоденото население, додека спасувачките операции продолжуваат во најтешко погодените области.
