Во земјава досега се евидентирани вкупно 53 пациенти кои прележале, имаат или се сомнителни за западнонилска треска, информираше министерот за здравство Сашо Клековски. Од нив, 50 случаи се потврдени, додека тројца пациенти се сомнителни и се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести. Кај вкупно 52 пациенти е регистрирана невроинвазивна форма на заболувањето, а досега се евидентирани пет смртни случаи. Во моментов на Инфективната клиника се хоспитализирани 21 пациент, од кои шест се на интензивна нега, додека 25 пациенти се излекувани и пуштени на домашно лекување.
Клековски информираше дека е издадено ажурирано упатство за лекарите на клиниките и за матичните лекари, со посебно внимание на пациентите кои примаат имуносупресивна терапија. Во рамки на превентивните мерки, во Скопје е завршена четвртата тура прскање против возрасни комарци, а вонредни третмани се спроведени во повеќе ризични подрачја. Меѓу нив се Кисела Вода, Гази Баба, Зелениково, Студеничани, Бутел и Ѓорче Петров, каде се интервенирало согласно проценката на ризикот.
Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје подготвиле и нова веб-страница на која граѓаните ќе можат да ги следат податоците за заболувањето, ризичните подрачја и преземените превентивни активности.
