Речиси 25.000 граѓани досега покажале интерес за вакцинација против сезонски грип преку електронскиот систем vakcinacija.mk, а апликацијата за пријавување продолжува да биде активна пред почетокот на имунизацијата.
Од Министерството за здравство информираат дека вакцинацијата се очекува да започне во периодот од 16 до 25 октомври, а првите 30.000 дози вакцини веќе се обезбедени.
Станува збор за тривалентната вакцина „GCFLU Multi inj.“ од производителот GC Biopharma Corporation од Кореја, која, според надлежните, е одобрена од Светската здравствена организација и ги исполнува потребните критериуми за квалитет.
„За вакцините е обезбеден сертификат за квалитет издаден од производителот, како и сертификат од референтна лабораторија за контрола на квалитетот од ОМЦЛ-мрежата (Official Medicines Control Laboratories)“, информираат од Министерството за здравство.
Првата пратка е обезбедена преку заем во рамки на меѓународна соработка со соседни земји, во овој случај преку УНИЦЕФ и Албанија.
Дополнително, до 15 ноември се очекува да пристигнат уште 26.000 дози од компанијата „Санофи“, додека разговорите за обезбедување на преостанатите 24.000 дози сè уште траат.
Приоритетните категории на граѓани кои ќе имаат предност при вакцинацијата ќе бидат утврдени од Комисијата за имунизација.
