Во текот на денешниот ден се регистрирани повеќе од 20 пожари на отворен простор низ државата, информира директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов. Најсериозна останува состојбата со големиот пожар на Китка, каде сè уште се активни неколку краци, а во гаснењето се вклучени и „ер тракторите“.
Ангелов изрази оптимизам дека во текот на денешниот или утрешниот ден пожарот ќе биде ставен под делумна контрола, иако е проширен на голема територија. Тој предупреди дека интензитетот на пожарите сè уште не се намалува и посочи дека дел од нив се предизвикани од неодговорно однесување на граѓаните.
Според Ангелов, има и случаи во кои пожари намерно се предизвикуваат поради користољубие или одмазда, при што сторителите свесно ги доведуваат во опасност животите на луѓето.
