Теренските активности за вонредно прскање против комарци на територијата на Општина Гази Баба завршија утрово во 03:00 часот, информираше градоначалникот Бобан Стефковски.
Во текот на ноќта, екипите беа ангажирани на повеќе локации низ општината, со цел намалување на бројот на комарци и превентивна заштита на здравјето на жителите.
Прскањето беше извршено во Керамидница, Смилковци, Црешево, Стајковци, Сингелиќ, Ченто, Инџиково, Маџари, Триангла, Хиподром, Ергеле, Трубарево, Раштак, Булачани, Виниче, Брњарци, Гоце Делчев, Јурумлери, Идризово, Дрма, Колонија, Кирил Петрушевски, Автокоманда и Железара.
Акцијата е реализирана во координација меѓу Центарот за јавно здравје, Град Скопје и Општина Гази Баба, со цел навремено и ефикасно превентивно дејствување за заштита на граѓаните.
„Ова не е еднократна акција. Со засилените превентивни активности продолжуваме и во следните денови, согласно состојбата на терен и препораките на надлежните институции. Заштитата на животот и здравјето на граѓаните останува наш највисок приоритет“, изјави Стефковски.
Од Општина Гази Баба посочуваат дека состојбата ќе се следи континуирано, а дополнителни активности ќе бидат преземени доколку има потреба.
