Денеска официјално ќе биде означен почетокот на изградбата на автопатот Скопје – Блаце, со поставување на камен-темелникот за еден од најзначајните инфраструктурни проекти во земјава.
Автопатската делница ќе биде долга 10,5 километри, а според проектната документација ќе се гради во рок од четири години. Новата траса ќе опфати изградба на пет тунели и девет мостови, што ја прави една од најкомплексните патни инвестиции во Македонија.
Договорот за реализација на проектот беше потпишан во јули меѓу Јавното претпријатие за државни патишта и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), која обезбедува најголем дел од финансиските средства.
Вкупната вредност на инвестицијата изнесува речиси 200 милиони евра. Од нив, 30,8 милиони евра се обезбедени како грант од Европската Унија, додека 167,6 милиони евра се кредит од ЕБОР.
Изградбата на автопатот треба да придонесе за побрзо, побезбедно и поефикасно патно поврзување меѓу Скопје и граничниот премин Блаце, како и за подобрување на транспортот и економската соработка меѓу Македонија и Косово.
