Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Македонија силно ја поддржува администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп и очекува стратешкиот дијалог меѓу двете земји да донесе конкретни резултати во областа на безбедноста, енергетиката, инфраструктурата, трговијата и инвестициите.
Во интервју за „Брајтбарт њуз“, Мицкоски рече дека македонската Влада воспоставила контакти со тимот на Трамп уште за време на претседателската кампања во 2024 година, а по неговата победа испратила делегација на инаугурацијата во Вашингтон.
Премиерот оцени дека поддршката за Доналд Трамп меѓу македонските граѓани е исклучително висока и изрази подготвеност да го пречека американскиот претседател во Македонија доколку неговите обврски го дозволат тоа.
„Со задоволство ќе го угостам на највисоко ниво. Тој ќе ја ужива поддршката од македонските граѓани“, изјави Мицкоски.
Тој истакна дека Македонија во повеќе наврати ги поддржувала ставовите на Соединетите Американски Држави во Обединетите нации, наведувајќи дека тоа се однесувало и на прашања поврзани со Иран, Венецуела и Куба.
Според Мицкоски, земјата претставува важен партнер на САД на Балканот и останува силно посветена на стратешкото партнерство со Вашингтон.
Во интервјуто тој ја потенцираше и соработката со американскиот претставник Ричард Гренел и амбасадорката на САД во Грција, Кимберли Гилфојл, особено во делот на енергетските проекти и можностите за американски извоз на течен природен гас во регионот.
Осврнувајќи се на разговорите за трговските односи, Мицкоски рече дека е постигната основа за билатерален договор со нулта царинска стапка за одредени производи.
Тој очекува договорот официјално да биде потпишан за време на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, доколку до тогаш бидат завршени сите процедури.
„Имаме нула царини кога станува збор за извоз на македонски производи во Соединетите Американски Држави“, изјави Мицкоски.
Според него, ваквиот договор ќе придонесе за олеснување на трговијата, зголемување на американскиот извоз и привлекување нови инвестиции во Македонија и регионот.
Мицкоски најави дека за време на претстојната посета на САД очекува да се разговара и за дополнителни можности за продлабочување на соработката, а изрази надеж дека ќе има можност и за средба со претседателот Доналд Трамп.
Тој порача дека целта на Владата е партнерството со САД да се развива не само во политичката и безбедносната сфера, туку и преку конкретни економски проекти, инвестиции и инфраструктурна соработка.
