Вкупно 29 пожари на отворен простор се регистрирани во Македонија во изминатото деноноќие, од кои три се активни, еден е ставен под контрола, а 25 се изгаснати, информира Центарот за управување со кризи. На подрачјето на општините Студеничани и Зелениково активен е пожарот на потегот меѓу селата Моране, Вртекица и Рамни Габер кон Палиград, како и над селото Вражале, каде што гори мешана шума.
Активен пожар има и кај гостиварското село Трново, каде што исто така е зафатена мешана шума. Третиот активен пожар е над селото Нежилово во Општина Чашка, каде што огнот зафатил смреки. Под контрола е ставен пожарот кај кичевското село Тајмиште, во месноста Дарда, каде што горела високостеблеста букова шума.
Во последното деноноќие пожарникарските и другите надлежни служби успеале да изгаснат 25 пожари на различни локации низ државата. Меѓу општините во кои биле регистрирани и изгаснати пожари се Струмица, Василево, Делчево, Куманово, Гостивар, Македонски Брод, Илинден, Сарај, Новаци, Берово и други. Според ЦУК, во пожарите биле зафатени ниска вегетација, стрништа, сува трева, грмушки и шумски површини, а во одделни случаи гореле и отпад, слама и објекти.
