Во голем напад со беспилотни летала во текот на ноќта биле погодени повеќе локации во Русија, меѓу кои и логистички центри на интернет продавачот „Озон“. Во Краснодар, по пад на остатоци од дрон врз приватен центар за деца, загинале две деца, а повредени се уште девет лица, меѓу кои седум деца, соопшти гувернерот Венијамин Кондратјев. Остатоци од беспилотните летала паднале и врз станбени згради и објекти во изградба, а на повеќе места избувнале пожари.
„Озон“ потврди дека пожар избувнал во неговиот логистички центар во Краснодар, од каде вработените биле евакуирани и според првичните информации нема повредени. Нападнат бил и логистички центар на компанијата кај Енем во руската Република Адигеја, каде по ударот избувнал пожар. Пожар бил регистриран и во големиот центар на „Озон“ во Невиномиск, а локалните власти потврдија напад со дронови врз индустриската зона на градот. Според непотврдени информации, погоден бил и објект на компанијата во Дагестан, додека проукраински извори тврдат дека бил нападнат и радарски објект на окупираниот Крим.
Ова е трета последователна ноќ во која се регистрирани напади врз логистичката инфраструктура на „Озон“, откако претходно беа погодени објекти во Самарската и Оренбуршката област. Нападите се случуваат на Денот на независноста на Украина, кога земјата одбележува 35 години од прогласувањето независност од Советскиот Сојуз. Украина во последните недели ги засили нападите врз складишта и логистички центри длабоко на руска територија, при што меѓу претходните цели беше и најголемиот руски интернет-трговец „Вајлдберис“.
