Русија нема намера да се согласи на прекин на огнот доколку таквиот чекор ѝ овозможи на Украина повторно да ги зајакне своите воени капацитети и да набави дополнително оружје, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Говорејќи во Баку по самитот на Конференцијата за интеракција и мерки за градење доверба во Азија (CICA), Лавров порача дека Москва не гледа причина за примирје кое, според него, би ѝ дало време на Украина за воена подготовка.
„Нема да има прекин на огнот само за тој (Зеленски) да може да се опорави и да биде снабден со оружје“, изјави Лавров.
Рускиот дипломат се осврна и на можноста за одржување претседателски избори во Украина, како и на потенцијалните отстапки што Москва би можела да ги направи. Тој посочи дека не треба да се шпекулира за идниот тек на настаните, обвинувајќи го украинскиот претседател Володимир Зеленски дека не е заинтересиран за избори поради условите што ги поставил.
Лавров упати критики и за односот на Киев кон американскиот претседател Доналд Трамп. Според него, Зеленски го одбил предлогот за договор поврзан со испорака на дизел и наместо тоа побарал дополнителни ракети за системите за противвоздушна одбрана „Патриот“.
Според тврдењата на Лавров, Украина би можела да го искористи дополнителното вооружување за продолжување на нападите врз руската енергетска инфраструктура, вклучително и рафинерии за нафта.
„Зеленски смета дека целиот свет му должи сè, додека тој, пак, никому ништо не должи“, рече Лавров, додавајќи дека Москва и понатаму е подготвена за „сериозни и правични преговори“ со цел завршување на конфликтот.
Осврнувајќи се на информациите за можен план од четири точки за прекин на војната, рускиот министер изјави дека таков документ официјално не бил доставен до Москва.
Според информациите објавени во јавноста, предлогот предвидува итен прекин на борбите долж актуелната линија на фронтот. Лавров, сепак, оцени дека во него недостасуваат конкретни механизми за обезбедување долгорочен и стабилен мир.
Тој предупреди и дека евентуалното примирје би можело да биде прекршено, а одговорноста за таков развој на настаните, според неговите зборови, би ја сноселе Украина и нејзините европски партнери.
