СДСМ го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека ја започнува предизборната кампања без резултати во клучните области и затоа, според партијата, повторно отвора теми за меѓуетнички поделби и тензии. Од СДСМ ваквата политичка стратегија ја нарекуваат „операција Талог“ и тврдат дека нејзината цел е мобилизирање на тврдото гласачко тело преку национални и идентитетски прашања.
Партијата наведува дека власта нема доволно резултати во економијата, здравството, образованието, земјоделството и дипломатијата, додека економската состојба на граѓаните станува сè потешка. Според СДСМ, темите за патриотизам веќе не го даваат очекуваниот политички ефект, поради што власта се насочува кон меѓуетничките односи. Од партијата тврдат дека во оваа стратегија постои и политичка координација со српскиот претседател Александар Вучиќ, а посетите на српски политичари во Македонија ги поврзуваат со таквото сценарио.
СДСМ најавува дека во наредниот период очекува дополнително заострување на реториката и порача дека, според нив, предизборната кампања веќе е започната.
