Град Скопје воведе систем на целосна контрола и мониторинг на службените возила со цел намалување на непотребните трошоци, спречување злоупотреби и поефикасно управување со јавните средства.
– Сите службени возила со кои располагаат Град Скопје и јавните претпријатија се опремени со GPS-уреди и се следат преку современ мониторинг-центар. Системот овозможува во реално време да се следи локацијата на возилата, нивната маршрута и брзина, времето поминато во движење, како и потрошувачката на гориво. Дополнително, со специјални сонди се следи и нивото на горивото, со што се овозможува навремено откривање на нелогични трошоци и подобра контрола врз користењето на службените возила, соопшти градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Тој порача дека „секое возило, секој километар и секој литар гориво мора да има оправдување“ и оти „градскиот буџет е сопственост на граѓаните и со него мора да се управува домаќински, одговорно и транспарентно“. Заради пример за одговорно однесување, градоначалникот на работа доаѓа со сопствено возило на сопствен трошок, а ЈСП Скопје во првите шест месеци бележи заштеда од околу половина милион евра за гориво, со дополнително вклучени 50 возила, во споредба со првите шест месеци од истиот период минатата година.
