Премиерот Христијан Мицкоски ја коментираше како скандалозна одлуката на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција да не постапува за случајот со јавните набавки за изградба на 19 модуларни болници и нагласи дека секогаш може да се најдат нови докази и тој повторно да стане актуелен.
– Ова е процес што трае веќе пет години, процес што изминатите пет години околу себе мобилизира разни информации, но она што е исто така значајно да се напомене е дека во модуларната болница во Тетово живи гореа 14 луѓе. Ќе повторам, живи гореа 14 луѓе во модуларната болница во Тетово. За жал, обвинителот, кој е во заминување, колку што сум информиран, распишане е оглас за избор на нов обвинител во ОЈО ГОКК, претпоставувам своите должничко-доверителски односи кон претходната влада одлучува до крај да ги испорача и не му значи тоа што живи гореа 14 луѓе и одлучува овој процес да го стопира – рече Мицкоски.
Премиерот истакна дека сака јавноста да знае дека ова не е политичка амнестија „на овој обвинител кон поранешните негови наредбодавци бидејќи секогаш може да се појават нови детали кои се поврзани со овој процес и секогаш овој процес може да стане актуелен и да почне од почеток“.
