Македонија и Косово продолжуваат со активности за продлабочување на инфраструктурната и економската соработка, со посебен акцент на реализацијата на неколку капитални проекти што треба значително да ја подобрат поврзаноста меѓу двете земји.
За ова денеска разговараа заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, и министерот за инфраструктура и транспорт на Косово, Димал Баша.
На средбата, на која присуствуваа и заменик-министерката за транспорт Калтрина Зеколи Шаќири и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски, биле разгледани можностите за унапредување на билатералната соработка, економската и трговската размена, регионалниот развој и реализацијата на заеднички инфраструктурни проекти.
Во фокусот на разговорите бил проектот за изградба на патот Тетово–Призрен, кој треба да стане една од најзначајните сообраќајни врски меѓу Македонија и Косово.
Проектот е во фаза на подготовка, а заедничка работна група од двете држави веќе работи на неговата реализација. На состанокот било договорено работната група да продолжи со финализирање на проектната документација, по што ќе следува потпишување на меѓудржавните договори неопходни за почеток на изградбата.
Николоски информирал и дека Македонија започнува со изградба на автопатската делница Скопје–Блаце, која претставува една од најважните патни врски кон Косово.
Од Владата оценуваат дека подобрувањето на патната инфраструктура ќе овозможи побрз, побезбеден и поефикасен транспорт, ќе ја олесни трговијата и ќе придонесе за поголема економска поврзаност и развој на прекуграничната соработка.
На средбата било разговарано и за повторно воспоставување на железничкиот сообраќај меѓу Македонија и Косово, како и за воспоставување на заедничка гранична железничка станица по принципот „one stop shop“, согласно договорот меѓу двете држави.
Двете страни оцениле дека реализацијата на овие инфраструктурни проекти ќе има значајно влијание не само врз Македонија и Косово, туку и врз целиот регион, преку отворање нови можности за инвестиции, трговија, економски раст и регионален развој.
На крајот од средбата била потврдена заедничката определба за продолжување на интензивната соработка и преземање конкретни чекори за реализација на проектите од заеднички интерес.
