СДСМ обвини дека пациентите со малигни заболувања повторно се соочуваат со чекање и дополнителни трошоци поради нефункционирањето на единствениот државен ПЕТ-систем за дијагностика.
Од опозициската партија велат дека објаснувањето на министерот за здравство Сашо Клековски, дека проблемот не е во самиот апарат туку во циклотронот кој обезбедува суровини за работа, не е оправдување, туку показател за, како што оценуваат, лошо планирање и управување со системот.
Според СДСМ, циклотронот и ПЕТ-скенерот се неразделно поврзани и без радиофармацевтици апаратот не може да функционира. Од партијата сметаат дека можните проблеми со снабдувањето требало навреме да бидат предвидени и решени, имајќи ја предвид важноста на ПЕТ-дијагностиката за пациентите со карцином.
„Ова не е објаснување, туку признание за аматерски пристап кон единствената јавна дијагностика од овој тип во државата“, наведуваат од СДСМ.
Од опозицијата дополнително го критикуваат начинот на сервисирање, посочувајќи дека недостигот на критични материјали и зависноста од дозволи за увоз покажуваат дека немало навремена подготовка и резервен план за снабдување.
„Пациентите не можат да чекаат извозни дозволи. Полуживотот на материјалот е краток“, велат од СДСМ.
Во реакцијата, партијата ја поврзува нефункционалноста на ПЕТ-системот и со неодамнешните апели на Министерството за здравство за намалување на водените површини поради ризикот од западнонилска треска. СДСМ ја обвинува Владата дека во ист период промовира изградба и отворање базени, додека важен здравствен систем не е во функција.
Од партијата предлагаат идните договори за одржување да ги опфатат и ПЕТ-скенерот и циклотронот, со задолжителни резерви на потребните материјали и јасни рокови за интервенции. Бараат и итно обезбедување алтернативно снабдување со радиофармацевтици од соседните земји, како и објавување информации за тоа кога системот ќе биде повторно ставен во функција и колку пациенти чекаат преглед.
„Сериозна влада планира, а не се фали со бројки од минатата година додека оваа година системот стои“, порачаа од СДСМ.
Од опозициската партија оценуваат дека случајот не е само технички проблем, туку прашање на функционирање и управување со јавниот здравствен систем.
