Општина Центар ја пушти во употреба својата официјална мобилна апликација, преку која граѓаните на едно место ќе имаат пристап до
најважните информации и електронски услуги.
Апликацијата веќе е достапна за корисниците на iOS, а во следните неколку дена треба да биде достапна и за Android. Преку неа може да се пристапи до ГИС Порталот, е-Урбанизам, е-Дозволи, „Мој Буџет“, општинските документи и други услуги, како и да се пријави проблем или да се испрати предлог.
Градоначалникот Горан Герасимовски вели дека целта е граѓаните побрзо и поедноставно да ги добиваат потребните информации и услуги без да доаѓаат во Општината.
Апликацијата е наменета и за жителите на Центар и за сите граѓани кои работат, престојуваат или секојдневно ја посетуваат општината.
