Во следните три години државната енергетска компанија ЕСМ ќе набавува јаглен од косовската државна енергетска корпорација КЕК, откако Владата одобри стратешки договор со кој македонската компанија добива концесија за експлоатација на околу три милиони тони јаглен од рудникот во Обилиќ.
Од ЕСМ информираат дека договорот е склучен на период од 36 месеци и предвидува фиксна цена од 24,4 евра за тон јаглен, со однапред утврдени стандарди за квалитет кои ќе бидат основа за испораките.
Според проценките на компанијата, ова партнерство ќе овозможи дополнително годишно производство од околу 800 GWh електрична енергија и приходи од приближно 57 милиони евра. Дополнителни финансиски придобивки се очекуваат и поради намалената потреба од користење мазут во процесот на производство.
Од ЕСМ посочуваат дека договорот ќе има и позитивен еколошки ефект. Според нивните пресметки, годишно ќе се намалат емисиите на јаглерод диоксид за околу 923.000 тони поради помалото согорување јаглен, како и за дополнителни 55.980 тони поради намалената употреба на мазут.
Компанијата оценува дека договорот ќе придонесе за поголема енергетска сигурност во периодот од 2027 до 2030 година, кога најголемиот дел од домашното производство на електрична енергија и натаму ќе доаѓа од термоелектраните.
Според анализите на ЕСМ, годишните потреби за дополнителен јаглен изнесуваат околу 1,4 милиони тони, од кои 600.000 тони се наменети за ТЕ Осломеј, а 800.000 тони за ТЕ Битола.
Поради ограничениот капацитет на граничниот премин Блаце, преку кој дневно можат да поминат најмногу 120 камиони или околу 3.000 тони јаглен, реално е годишно да се транспортираат околу 800.000 тони од Косово.
Од ЕСМ наведуваат дека лабораториските анализи покажале дека јагленот од косовскиот басен во Обилиќ има ниска содржина на сулфур и пепел, како и просечна калориска вредност од околу 1.950 kcal/kg, што целосно одговара на техничките барања на ТЕ Битола и ТЕ Осломеј.
До крајот на месецот ќе биде објавен јавен оглас за избор на компанија што ќе ги извршува услугите за ископ, анализа на квалитетот, утовар, транспорт, шпедиција и истовар на јагленот до термоелектраните во Битола и Осломеј.
