СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ денеска повторно разменија обвинувања околу исправноста на водата за пиење во Гостивар и други населени места во државата.
Од СДСМ тврдат дека власта ги крие податоците за квалитетот на водата и дека за Гостивар сè уште нема јавно објавен документ со анализи што потврдува дека водата е безбедна за пиење. Опозицијата обвинува дека над 50 населени места немаат објавени анализи и бара одговорност од
надлежните институции за, како што велат, негрижата за здравјето на граѓаните.
Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека СДСМ шири страв, паника и дезинформации и дека по Гостивар и Скопје сега се обидува истото да го прави и со други населени места.
Од владејачката партија тврдат дека институциите целосно го исчистиле водоводниот систем во Гостивар и дека направените испитувања потврдиле оти водата е безбедна за пиење. ВМРО-ДПМНЕ порача дека граѓаните не треба да бидат заложници на партиски препукувања и ја повика СДСМ, наместо да создава сомнеж, да ги прифати резултатите од институциите.
