СДСМ ја критикува Владата за начинот на кој се справува со проблемите поврзани со квалитетот на водата за пиење во повеќе општини, обвинувајќи дека институциите не обезбедуваат доволно информации и официјални анализи за граѓаните.
Од опозициската партија посочуваат дека истиот ден кога беше соопштено дека водата во Гостивар повторно е безбедна за пиење, пристигнало предупредување од Демир Капија дека водата од локалниот водовод не е исправна ниту за пиење ниту за готвење.
Според СДСМ, Јавното комунално претпријатие „Бошава“ од Демир Капија информирало дека водата не ги исполнува условите за користење, што, како што велат од партијата, покажува дека проблемите со водоснабдувањето не се решени.
Од СДСМ упатија критики и кон премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство, обвинувајќи ги дека не биле присутни во Гостивар за време на кризата со водата, додека други претставници пред камерите пиеле вода од чешма за да покажат дека е безбедна.
„Вчера во Гостивар организираа здравица и групна фотографија со чаши вода. Премиерот и министерот за здравство не беа таму. Од екскурзија пуштаа вода“, наведуваат од СДСМ.
Опозициската партија тврди дека Мицкоски не го посетил Гостивар од почетокот на кризата и бара надлежните институции да достават официјални лабораториски анализи и извештаи за квалитетот на водата.
Од СДСМ дополнително посочуваат дека проблеми со водата има и во други делови од државата, наведувајќи дека во повеќе од 50 населени места нема редовно објавени анализи, како и дека постојат сомневања за загадување на одредени реки.
„Наместо официјални извештаи и лабораториски анализи, гледаме луѓе кои пијат вода пред камерите и врз основа на тоа тврдат дека е безбедна. Тоа не е начин за проверка на квалитетот на водата“, велат од СДСМ.
Од партијата бараат транспарентност и одговорност од институциите, оценувајќи дека граѓаните заслужуваат конкретни докази, а не политички пораки.
