ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение обвини дека лидерот на СДСМ, Венко Филипче, од одмор координира партиски активности поврзани со, како што наведуваат, ширење дезинформации за наводно загадување на водата во Скопје.
Од владејачката партија тврдат дека Филипче и поранешниот премиер Зоран Заев се на заеднички одмор и дека преку социјалните мрежи се создава непотребна паника кај граѓаните.
„Додека СДС се обидува да ја сокрие вистината за нивниот лидер, неговите партиски послушници креираат паника и хаос со невистини за безбедноста на водата во Скопје“, се наведува во соопштението.
ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека Филипче по инструкции од Заев организира политички напади и ширење непроверени информации, без притоа да понуди докази за ваквите тврдења.
Од партијата додаваат дека, според нив, „тандемот Заев-Филипче“ нема политичка визија и дека единствено се обидува да создава кризи преку ширење лажни вести и политички притисоци.
Во реакцијата се споменува и спорот околу откупот на земјоделските производи во Струмица, при што ВМРО-ДПМНЕ го поврзува Заев со компанијата „Мамас“ и обвинува за влијание врз состојбите во земјоделството.
„Додека Филипче ужива на одмор и дава инструкции за напади, на површина излезе целиот талог на СДС“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата упатија апел да не се злоупотребува темата со водата и порачаа дека водата во скопскиот водовод е квалитетна и безбедна за пиење.
