СДСМ упати нови критики кон Владата поради начинот на кој институциите постапуваат во врска со состојбата со водата за пиење во повеќе општини и побара побрзо објавување на официјалните резултати од анализите.
Од опозициската партија велат дека граѓаните сè уште чекаат одговори за исправноста на водата, додека надлежните, според нив, доцнат со информациите.
„Вода за пиење – денеска или утре можеби ќе има одговор. Можеби и не. Мицкоски денеска треба да се врати од екскурзијата во Брисел. Ќе видиме каква боја добил – дали поцрвенел“, наведуваат од СДСМ.
Во партиското соопштение се упатуваат критики и кон министерот за здравство Азир Алиу, како и кон други владини функционери, со тврдење дека институциите не се доволно ангажирани во решавањето на проблемите.
Од СДСМ посочуваат дека граѓаните на Гостивар подолг период се соочуваат со проблеми со водоснабдувањето и обвинуваат дека Владата не презела доволно мерки за надминување на состојбата.
„Со недели ветуваа дека утре ќе има вода за пиење. Сега луѓето ја користат како техничка, а никој не дал документ дека е исправна ниту за тоа“, велат од партијата.
Опозициската партија ја обвини Владата дека наместо решавање на проблемите со водата и здравствените прашања, функционерите се занимаваат со политички пресметки.
Од СДСМ додаваат дека јавноста очекува транспарентни информации и навремени резултати од надлежните институции.
