ВМРО-ДПМНЕ преку партиско соопштение упати обвинувања кон лидерот на СДСМ, Венко Филипче, тврдејќи дека тој се наоѓа на одмор во Грција и дека од таму ги координира партиските активности поврзани со информациите за безбедноста на водата во Скопје.
Од владејачката партија прашуваат каде се наоѓа Филипче и тврдат дека тој на 6 август ја напуштил земјава преку граничниот премин Богородица, по што, според нив, заминал на одмор.
„Каде е Венко Филипче? Венко Филипче седми ден е на одмор на јахтата на Зоран Заев“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во соопштението се тврди и дека Филипче од одморот давал насоки за ширење, како што велат од партијата, „хистерија и лажни вести“ поврзани со безбедноста на водата во Скопје. За овие тврдења, сепак, во реакцијата не се приложени докази.
ВМРО-ДПМНЕ во своето соопштение се осврнува и на спорот околу откупот на земјоделските производи во Струмица, при што го поврзува поранешниот премиер Зоран Заев со компанијата „Мамас“.
Од партијата дополнително обвинуваат дека Филипче и Заев преку своите политички активности влијаат врз состојбите во земјава.
„Сè на сè, плоден одмор на талогот: шират лаги за водата, се против независноста и уценуваат земјоделци“, се наведува во партиското соопштение.
