СДСМ преку соопштение ја обвини Владата дека во услови на повеќе здравствени и еколошки проблеми во земјава, министрите се занимаваат со прашања кои не се во рамките на нивните ресори.
Од опозициската партија наведуваат дека граѓаните се соочуваат со проблеми поврзани со небезбедна вода во повеќе од 50 населени места, загадени реки и појава на западнонилска треска.
Според СДСМ, во периодот кога премиерот Христијан Мицкоски е отсутен, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој претходно бил задолжен за хиперхлорирањето на водата во Гостивар и чистењето на водоводната мрежа, не информира за активности во рамките на своите надлежности.
Во исто време, како што посочуваат од партијата, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски изнесува информации поврзани со полициските постапувања во врска со ширењето непроверени тврдења за безбедноста на водата во Скопје.
„Сега Тимчо Муцунски – министер за надворешни работи се занимава со полиција. Тој кажува колку луѓе биле повикани на разговор во полиција за шпекулациите и лажните информации за водата во Скопје“, велат од СДСМ.
Од опозициската партија прашуваат каде е министерот Тошковски и дали презема активности во рамките на своите надлежности.
СДСМ оценува дека ваквиот начин на функционирање дополнително ја намалува довербата на граѓаните во институциите, особено во ситуации кога, како што наведуваат, реакциите доцнат, а информациите не се навремено споделуваат со јавноста.
„Во ВМРО – ОКГ сите се занимаваат со туѓа работа, само не со својата. Како луѓето да имаат доверба?“, прашуваат од СДСМ.
Од партијата ја обвинија Владата предводена од Мицкоски за „тотален институционален распад“, оценувајќи дека последиците од, како што велат, нефункционирањето на институциите директно ги чувствуваат граѓаните.
