Градоначалникот на Општина Центар ги демантираше шпекулациите и како што вели, „хистеријата“ што се шират за наводното зголемување на обемот за градење во ДУП „Барутана“.
-Вистината е поинаква: со новиот нацрт-план вкупната дозволена изградба се намалува за 33%, од 43.429 м² на 29.459 м². Дополнително, максималната изграденост е ограничена на 40% и зелените површини се зголемуваат на 40%. Овие строги параметри се гаранција за безбедност, контролиран развој и спречување на какви било несакани урбанистички сценарија, како што беше случајот со „Панорамика“ – нагласува Горан Герасимовски во објава на Фејсбук.
Тој додава дека нацрт планот е изработен врз основа на Генералниот урбанистички план кој е втемелен врз темелни стручни анализи, теренски снимања и физибилити студии, кои ја земаат предвид и ерозивноста на теренот.
