Извештајот од извршените анализи на почвените проби земени од повеќе локации на територијата на Општина Илинден беше во фокусот на работната средба меѓу градоначалникот Александар Георгиевски и деканот на Земјоделскиот факултет, професор д-р Миле Маркоски.
Од Општина Илинден информираат дека агрохемиските испитувања се реализирани од акредитирана лабораторија при Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, со цел да се обезбедат прецизни податоци за состојбата на почвата.
Според локалната самоуправа, добиените анализи им овозможуваат на земјоделците навремени и стручни информации за поефикасно и поекономично користење на ѓубривата, подобрување на приносите и квалитетот на производите, како и намалување на негативното влијание врз животната средина.
На средбата биле разгледани и аспекти поврзани со процесот на пошумување, вклучително избор на соодветни садници, процена на состојбата на теренот, мерки за заштита од ерозија и долгорочни активности за обнова на шумскиот фонд.
Деканот дал стручни препораки за понатамошните активности, нагласувајќи ја важноста од научно заснован пристап, употреба на автохтони видови и спроведување одржливи мерки за обнова на опожарените подрачја.
Од Општина Илинден посочуваат дека оваа активност е дел од Стратешкиот план за развој 2022–2026 година и ќе продолжи и во наредниот период, со цел опфаќање на поголем број земјоделски површини.
Резултатите од анализите се јавно достапни и можат да се најдат на официјалната интернет-страница на Општина Илинден.
