Ученик од седмо одделение од основното училиште „Стив Наумов“ во Битола на социјалната мрежа Тик-Ток објавил список за ликвидација на негови сооученици и на нивните родители. На списокот имало и датум за извршување на заканата.
Родителите на учениците испратиле претставка до Државниот просветен инспекторат, а училиштето го пријавило случајот во Центарот за социјални работи, СВР Битола и во Подрачното одделение за образование.
Ученикот пред извесен период бил префрлен од едно во друго одделение со цел подобро да се вклопи во училишната средина, но и таму настанале несогласувања со новите соученици, на што реагирале нивните родители. По ова, тој објавил недолични и заканувачки пораки на социјалните мрежи.
За тоа вчера бил одржан и родителски состанок, на кој родителите на другите деца побарале ученикот да биде преместен од одделението.Родителите на ученикот, кој се заканувал, најавиле дека ќе го преместат во друго училиште.
