Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ќе го разгледа новиот мировен предлог од Иран, но изрази сомнеж во неговата прифатливост, оценувајќи дека Техеран сè уште не „платил доволно висока цена“. Иранските агенции Тасним и Фарс, претходно објавија дека до САД е испратен предлог од 14 точки преку Пакистан.
Трамп најави дека подоцна ќе даде повеќе детали, но на социјалните мрежи порача дека не гледа како предлогот би бил прифатлив. Воедно, повторно најави дека САД ќе го намалат военото присуство во Германија, и тоа „многу повеќе од 5000 војници“.
Примирјето во конфликтот меѓу САД, Израел и Иран е во сила од 8 април, но преговорите се во застој по неуспешната рунда во Пакистан. Иран порача дека САД треба да одлучат дали ќе продолжат со дипломатија или со конфронтација.
Според информациите, иранскиот предлог предвидува отворање на Ормускиот теснец, укинување на блокадата, повлекување на американските сили и ослободување на замрзнатите средства. Исто така се бара укинување на санкциите и завршување на војната на сите фронтови.
Трамп не ја исклучи можноста за нова воена акција против Иран, додека Вашингтон предупреди дека ќе санкционира компании што ќе плаќаат за премин низ теснецот.
Од почетокот на конфликтот, контролата врз Ормускиот теснец доведе до сериозни нарушувања во снабдувањето и раст на цените на нафтата за околу 50 проценти.

