Во пресрет на продолжениот викенд по повод празникот 1 Мај, Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата упати апел до граѓаните за зголемена внимателност и строго почитување на сообраќајните правила.
Од Советот посочуваат дека за време на празници и викенди традиционално се зголемува фреквенцијата на сообраќајот, бидејќи граѓаните патуваат, излегуваат во природа или посетуваат туристички дестинации. Токму во вакви периоди, според искуствата од минатото, зачестени се и сообраќајните незгоди со сериозни последици.
„Сообраќајот не е место за ризик и неодговорно однесување. Последиците можат да бидат фатални и ненадоместливи“, предупредуваат од РСБСП, апелирајќи на одговорност и почитување на прописите од страна на сите учесници во сообраќајот.
Од таму нагласуваат дека не постојат „мали грешки“ во сообраќајот и дека секое невнимание може да доведе до сериозни последици, повикувајќи ги граѓаните да бидат совесни и внимателни.
Во апелот се издвојуваат неколку клучни препораки:
– почитување на ограничувањата на брзината
– користење сигурносен појас
– избегнување користење мобилен телефон при возење
– забрана за управување возило под дејство на алкохол
– планирање на патувањата и правење паузи
Од РСБСП упатуваат порака граѓаните да придонесат празничното расположение да продолжи и по викендот, нагласувајќи: „Возете одговорно – секој живот е важен“.
