Една година и три месеци затвор е пресудата за поранешниот правобранител на Македонија Фехми Стафа, откако призна вина и се спогоди со обвинителот и судечкиот судија. Тој беше фатен во живо како прима поткуп од 50.000 евра од сестрата на обвинетиот Љупчо Пецов викан Ѓаволот за да влијае во Апелациониот суд.
Стафа кој досега беше во притвор, веднаш е спроведен на издржување на затворската казна.
Осудениот пред да биде фатен со бележаните 50 илјади евра, претходно од сестрата на Пецов зел мито прво од 30.000 евра, па дополнителни 20.000 евра. Вкупно побарал 100.000 евра за да влијае, како што ветувал како адвокат на Пецов, кај судијата Ѓоко Ристов во Апелациониот суд Скопје за да му ја ублажи мерката притвор. Љупчо Пецов тогаш беше во бегство, а обвинет е за финансиски криминал во „Синџир“, случај поврзан со даночни измами и даночно затајување.
