Парични казни во износ од 19.000 евра напишале од Агенцијата за храна и ветеринарство на оператори со храна во рамки на спроведените 1.221 вонредни контроли, спроведени пред Велигден. Уништени се и повеќе од 272 килограми небезбедна храна, најголемиот дел од животинско потекло.
Дополнително, уништени се повеќе од 40 тони небезбедни јајца по потекло од соседна Србија кои беше спречено да се прошверцуваат во земјава.
Како што информира денеска АХВ, за утврдените недоследности со вонредните контроли, донесени се 35 решенија за нивно отстранување, изречени се и 6 опомени.
– Со контролите утврдено е и дека 7 од објектите не биле регистрирани како оператори со храна, 3 оператори немале извршено задолжителни здравствени прегледи за вработените лица и не ги исполнувале барањата во однос на стручната подготовка за ракување со храна, а кај 13 оператори утврдени биле незадоволителни хигиенски и технички услови во објектите за работа – велат од АХВ.

