Мисијата на НАСА „Артемис 2“ испиша нова страница во историјата на вселенските истражувања, носејќи луѓе најдалеку од Земјата досега. Четворица астронаути – Рид Вајсман, Виктор Гловер, Кристина Кох и Џереми Хансен – во моментов летаат околу темната страна на Месечината.
Со ова, тие го соборија рекордот поставен од „Аполо 13“, достигнувајќи растојание од над 406 илјади километри од Земјата. Мисијата веќе влезе во историјата како најоддалечен човечки лет во вселената. Астронаутите ќе направат прелет околу Месечината, по што се очекува да се вратат на Земјата на 10 април.
Екипажот ја опиша мисијата како историска, но и како чекор кон идни истражувања подалеку во вселената. За време на летот имаше и емотивни моменти, кога беше именуван кратер на Месечината во чест на почината сопруга на командантот Вајсман.
„Артемис 2“ има за цел да ја тестира капсулата „Орион“ и нејзината способност да носи луѓе во длабоката вселена. Ова е клучен чекор пред идните мисии кои треба повторно да однесат човек на Месечината. А плановите на НАСА предвидуваат ново слетување во наредните години и изградба на база на јужниот пол на Месечината.
Оваа мисија ја означува и новата ера на истражување, во која Месечината ќе биде база за идни мисии кон Марс. По повеќе од 50 години, човештвото повторно се враќа кон својот најблизок вселенски сосед.
„Артемис 2“ е доказ дека вселенската трка не е завршена, туку штотуку започнува ново поглавје.
