САД, Иран и група регионални посредници разговараат за условите на можен 45-дневен прекин на огнот што би можел да доведе до траен крај на војната, објави Аксиос, повикувајќи се на американски, израелски и регионални извори запознаени со преговорите.
Белата куќа и американскиот Стејт департмент засега не ја коментираат оваа информација.
Според Аксиос, посредниците разговараат за условите на двофазен договор, при што првата фаза би била потенцијален 45-дневен прекин на огнот, во текот на кој би се воделе преговори за траен завршеток на војната. Втората фаза би била конечен договор за ставање крај на конфликтот.
Исто така се наведува дека прекинот на огнот може да биде продолжен доколку биде потребно дополнително време за разговорите.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера за Волстрит журнал изјави дека вторник навечер е рокот што му го поставил на Иран да го отвори Ормутскиот теснец или да се соочи со напади врз клучната инфраструктура.
„Ако не направат нешто до вторник навечер, повеќе нема да имаат ниту електрани ниту мостови“, изјави Трамп за Волстрит журнал.
