На влезот во Бардовци, од страната на Визбегово, пролетта знае да понуди слика што лесно те освојува. Расцветани дрвја, разеленето поле и мир што потсетува на живот надвор од градската бучава.
Но, таа идилична глетка секоја година добива и своја темна сенка. Покрај патот никнуваат мали депонии што ја расипуваат целата слика. Расфрлан градежен шут, стари каучи и троседи, гуми и автомобилски делови – се тоа стои како доказ за човечката некултура, но и за неефикасноста на комуналните служби и инспекциските органи.
Дополнителен проблем се и органските отпадоци – искористени пелени и расфрлана зимница која останала неискористена, а сега создава неподнослив мирис. Тој мирис не само што го нарушува уживањето во природата, туку е и јасен сигнал дека проблемот не е само естетски, туку и здравствен.
Секоја пролет се повторува истата приказна – природата се обидува да се разубави, а човекот ја валка. И додека дрвјата цветаат, депониите растат.
До кога ќе се помируваме со ваква слика? Дали е толку тешко отпадот да се одложи таму каде што му е местото?
Но одговорноста не е само индивидуална. Комуналните служби мора да бидат поефикасни, почесто да чистат и да постават контроли таму каде што се создаваат диви депонии.
Оти, ако веќе природата ни дава чиста убавина, најмалку што можеме да направиме е да не ја претвораме во депонија.






