Гитарскиот виртуоз Влатко Стефановски го сними својот најнов албум „Мускулна меморија“ (Muscle Memory), кој од 20 март ќе биде достапен како компакт-диск и во дигитално издание.
На албумот се најавени девет нови композиции што го опфаќаат препознатливиот стил на Стефановски – со комбинација од прогресивен рок и фјужн, богати со гитарска виртуозност и емотивен израз.
На „Мускулна меморија“ се застапени четири инструментални композиции и пет песни со текст, меѓу кои и насловната „Мускулна меморија“, како и други како „Модерни времиња“, „Ми недостасуваш“ и „Срце скршено“, кои звучат на високо продукциско ниво.
Покрај гитарските сола на сам Стефановски, на албумот учествуваат и други музичари, меѓу кои Звјездан Ружиќ (мелотрон), Дамир Имери (клавијатури), Горан Папаз (саксофон), како и членовите на триото на Стефановски – Јан Стефановски (тапани) и Иван Кукиќ (бас гитара).
Албумот е издание на „Кроација рекордс“, која за љубителите на винил подготвува и лонг-плеј плоча од ова остварување.
